Улогата на исхраната во превенција и лекување на дијабет

Месецот ноември се смета за месец посветен на подигање на свеста кај луѓето за дијабетесот како хронично и прогресивно заболување, додека 14 ноември се одбележува како светски ден на дијабетот.

Иницијативата за одбележување светски ден посветен на дијабетесот доаѓа како одговор на загриженоста за епидемиските размери на дијабетесот како заболување и растечката закана по здравјето, поради што во 2006 година со резолуција на ОН тој станува официјално забележан ден.

Бројот на заболени од дијабет од година во година расте со неверојатна брзина и според сегашните прогнози овој број до 2045 година ќе изнесува повеќе од 629 милиони луѓе.

Зголемената стапка на заболени од дијабетес особено од дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на живот, семејна анамнеза, поголем внес на нездрава храна, стрес, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и други фактори. Промената во начинот на живот односно промовирање на здрав животен стил (здрав и балансиран начин на исхрана и редовна физичка активност) до 2045 година може да превенира појава на дијабетес тип 2 во повеќе од 70% од случаи, односно, кај повеќе од 160 милиони луѓе.

Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, нездрава исхрана, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност).

Шеќерна болест или дијабетес мелитус претставува метаболичко заболување на современиот човек кое се карактеризира со покачено ниво на шеќер (гликоза) во крвта, а се јавува поради пореметување во делувањето на хормонот инсулин. Инсулинот е хормон кој го лачи панкреасот и го регулира нивото на шеќер во крвта транспортирајќи го до клетките од каде телото го искористува како енергија. Доколку навремено не се дијагностицира и лекува може да доведе до сериозни здравствени последици.

Треба да се потенцира дека дијабетес тип 1 не е исто што и дијабетес тип 2. Дијабетес тип 1 претставува заболување каде панкреасот произведува премалку или воопшто не произведува инсулин, додека кај дијабетес тип 2 панкреасот најчесто произведува инсулин, но клетките не го препознаваат така што шеќерот останува во крвта односно не се транспортира до клетките. Дијабетес тип 2 опфаќа повеќе од 90% од лицата со дијабет).

Главниот проблем е што дијабетот не боли, а класичните симптоми (чувство на жед и глад, зачестено мокрење, замор, споро зараснување и на најмали рани, замаглен вид, променливо расположение, губиток на телесна тежина) се јавуваат дури кога концентрацијата на шеќер во крвта e веќе покачена. Со нелекување или со лошо лекување дијабетесот може да има сериозни последици по здравјето како што се кардиоваскуларни заболувања, проблеми со бубрезите, неуропатија (проблем со периферна циркулација), проблеми со видот и др.


Исхрана кај дијабетес мелитус


Дијабетот особено дијабет тип 2 претставува една од болестите која најмногу се поврзува со нездравиот начин на живот (нездрава исхрана, недоволна физичка активност, стрес) и за успешно превенирање и лекување на дијабетот потребно е да се усвојат здрави животни и прехрамбени навики. Кога станува збор за дијабетот од клучно значење е правилната исхрана.

Во принцип диетотерапијата односно режимот на исхрана кај секое лице заболено од дијабет е индивидуална. Оваа индивидуалната исхрана подразбира избалансиран план на исхрана составен од одредени намирници кои ќе ги задоволат индивидуалните нутритивни, енергетски и други потреби кај секое лице посебно и ќе биде ускладен со препишаната терапија. Сепак постојат и општи препораки за исхрана базирани врз принципи кои веќе се практично докажани и се базираат врз основа на научни докази.

Дијабетот неможе да се држи под контрола доколку не се води сметка за тоа што, колку и кога јадете. Исхраната за дијабет ги вклучува сите хранливи намирници, но во дозирани количини и правилно временски распределени. Исхраната кај дијабет тип 1 и тип 2 се разликува во однос на бројот на оброци кој зависи од терапијата. Кога станува збор за дијабетот приоритет не е само да се бираат здрави намирници туку и временски правилно да се распоредуваат оброците, да не се прескокнуваат, како и да бидат избалансирани и разновидни така што секој оброк ќе ги содржи сите хранливи материи во соодветен однос и количина.

Значи исхраната треба да биде здрава, правилна и избалансирана, при што постојат одредени правила. На пример, при избор на јаглехидрати треба да бидат избрани намирници кои содржат сложени јаглехидрати и кои се богати со прехрамбени влакна. Храна богата со сложени јаглехидрати и влакна се интегралните житарки (рж, јачмен хељда, интегрален ориз....), мешункастите растенија (грашок, боранија, грав, леќа), зеленчук, јаткасти плодови. Сложените јаглехидрати и влакна се од голема важност во исхраната кај дијабетичарите бидејќи значајно помагаат во регулација на нивото на гликоза во крвта. Тие поспоро се апсорбираат со што не го качуваат нагло нивото на гликоза, а влакната ја успоруваат апсорпцијата на гликоза и го регулираат нивото на шеќер во крвта. Препораките се внес на најмалку 14 гр/1000 kcal влакна дневно. Дијабетичарите во принцип треба да го ограничат внесот на храна богата со високо рафинирани јаглехидрати (бело брашно, бел леб, бели пецива, тестенини, слатки, газирани сокови, грицки).

Зеленчукот во исхраната треба да биде застапен во големи количини. Особено препорачлив е зелениот лиснат зеленчук зелка, спанаќ, блитва, зелена салата, кељ, прокељ, брокула, краставица, целер, тиквица, лук, праз. Морковот и цвеклото се препорачани само доколку се конзумираат сирови бидејќи со нивна термичка обработка занчително им се покачува гликемискиот индекс. Овошјето во исхраната на дијабетичарите треба да биде присутно во умерени количини поради природниот шеќер (фруктоза) кој го содржи. Особено полезно овошје за дијабет се малините, боровница, капина, јагода, аронија, рибизла, лимон, јаболко, портокал. Пожелно е да се избегнува внес на кандирано и сушено овошје, зашеќерени мармалади и џемови, засладени овошни сокови.

Други намирници кои се препорачливи во исхраната на дијабетичарите се употребата на храна која содржи здрави масти како што е ладно цедено маслиново масло, маслинки, авокадо, ленено семе и масло, риба богата со омега 3 масни киселини, (скуша, лосос, туна) цејлонски цимет, куркума, природни засладувачи како што е стевија, алое вера, карела и др. Како суплементарна подршка кај дијабетичарите препорачливо е внес на Б комплекс, витамин Ц, АЛА (Алфа липоична киселина), магнезиум, хром и пробиотик.


Автор: Анета Николовска, нутриционист во Индустри Сервис