Правилната и балансирана исхрана ја штити кожата од штетните УВ зраци - Како до убав и здрав летен тен

ПРЕПОРАКИ ОД НУТРИЦИОНИСТ: Анета Николовска, Индустри Сервис

Правилната исхрана претставува многу важен дел од подготовката на нашата кожа пред нејзиното изложување на сонце.

Заштитата од потенцијалните опасности кои може да ги предизвикаат високите УВ зраци започнува од чинијата. Ниту еден козметички препарат нема да ја заштити кожата како правилната и балансирана исхрана. Правилната исхрана ја штити нашата кожа од слободните радикали коишто ги уништуваат колагенот и еластинот како најважни компоненти на здравата кожа.

Со секојдневното конзумирање на одредени намирници ќе превенирате предвремено стареење на кожата и појава на брчки, ќе ја заштитите кожата од УВ зрачењето, ќе ја потикнете нејзината регенерација и ќе ја намлите можноста за алергиски реакции од изложувањето на сонце.

Затоа во летните месеци е важно да внесувате храна која докажано има моќно фотопротективно дејство, која благодарение на своите состојки делува како природен заштитен фактор.

Од особена важност во овој период од годината, покрај секојдневниот внес на доволно количество вода, е да консумирате намирници како што се морков, домати, модри патлиџани, темно зелен листан зеленчук (спанаќ, блитва, кељ), грашок, пиперки, бобичесто овошје (боровница, малина, јагода, рибизла), кајсии, лубеница, диња, маслиново масло, какао, ореви, ленено семе, зелен чај.

 

Ø  Морков

Морковот благодарение на фактот што изобилува со каротеноиди е моќен заштитник на нашата кожа од оштетувања настанати од сонце. Со секојдневно конзумирање на морков ја правите вашата кожа поотпорна на УВ зравите.

Ø  Домати

Ликопенот кој се содржи во доматите е многу важен каротеноид и антиоксиданс со моќно фотопротективно дејство, кој има способност да ги неутрализира слободните радикали кои настануваат при подолго изложување на сонце. Колку по црвен е доматот толку поголема е содржината на ликопенот. Доматите го креваат нивото на проколаген во нашето тело и го спречуваат стареењето на кожата кое може дабиде предизвикано од сонцето. За подобра апсорпција на свежиот домат конзумирајте го со ладно цедено маслиново масло. Подгответе доматен сос или сок од варен домат.

Ø  Темно зелен лиснат зеленчук

Спанаќот, блитвата и кељот претставуваат моќен извор на каротеноиди со високо антиоксидативно дејство (лутеин, зеаксантин, бета каротен). Направете вкусна салата од спанаќ или друг лиснат зеленчук со ладно цедено маслиново масло или масло од семки и лимон.

 

Ø  Зелен чај

Зелениот чај содржи многу полифенолни соединенија кои ја штитат нашата кожа до УВА и УВБ зраците, ја прават затегната и здрава и го намалуваат штетниот ефект од долготрајното зилагање на сонце. Антиоксидантот EGCG од зелениот чај одлично се бори против процесите на воспаление на кожата, затоа консумирајте 2-3 шолји зелен чај дневно, особено во летниот период.