Постот е вид на детоксикација на организмот
Улогата на постот врз нашето здравје
Постот се смета за една од најстарите традиционални методи на чистење (детоксикација) на организмот која се применува во скоро сите култури низ светот.
Забрзаното темпо на живот, нездравата исхрана, присутноста на токсини во храната, во воздухот и во почвата негативно влијаат врз нашиот организам. Поради тоа, од исклучителна важност е одвреме навреме да го прочистиме нашиот организам од токсини, а постењето е одлична алатка за тоа. Современите нутриционисти препорачуваат повремено контролирано постење со што би се олеснил организмот и би се поттикнало отстранувањето на штетните материи. Доколку не сте сигурни дали вашата здравствена состојба дозволува да постите најдобро е да се консултирате со лекар.
Зошто постот е добар за нашето здравје
Во периодот кога започнуваат велигденските пости се наметнува прашањето дали постите се здрав начин на живеење и здрава исхрана. Исхраната за време на овие пости не претставува стрес за нашиот организам туку напротив благослов за нашето здравје. Кога се пости нашиот организам како систем и сите негови делови се многу помалку оптеретени. Постот претставува одличен начин да се исфрлат насобраните токсини од организмот но под услов за време на постот да се конзумираат здрави намирници, подготвени на здрав начин (со варење или бланширање) односно без пржење на високи температури во длабока маснотија.
Првенствено, постот е една од најдобрите методи за регулирање, прочистување и обновување на системот за варење, како и регулирање на целиот метаболизам. Преку постот целиот организам, сите органи и клетки се чистат од штетните материи. Не се троши енергија за варење на “ тешка“храна туку на елиминирање на штетните материи од организмот. Тоа значи дека на нашите органи за варење им даваме „годишен одмор“. Заштедената енергија се користи за регенерација, лекување и опоравување.
Списокот на заболувања кај кои постот позитивно делува е долг: алергии, ринитис, дигестивни проблеми, кожни заболувања, угоеност, артритис, болести на срцето и крвните садови, астма…
Како правилно да се храниме за време на пост
Од особена важност за време на постот е почитување на трите основни правила на здравата исхрана: балансираност на оброкот, умереност во порциите и разновидност на намирниците. Само доколку ги вклопиме овие правила за здрава исхрана за време на постот може да зборуваме за негов позитивен здравствен ефект.
Внесувајте секојдневно умерени количини на правилно искомбинирана храна, свежо овошје и зеленчук, интегрални житарки (интегрален ориз, овес, ‘рж, јачмен... ), мешункасти плодови (леќа, грашок, грав, наут, боранија), јаткасти плодови и семиња (орев, бадем, лешник, семки од тиква, сончоглед, сусам, ленено семе), никулци од изртени житарки, сушено овошје во умерени количини. Поради избегнување храна од животинско потекло особено треба да водите сметка за внесот на белковини. Ограничете го внесот на нутритивно празната храна богата со шеќер и скроб како што се бели пецива, тестенини, пекарски производи, рафинирани индустриски производи. Обидете се за време на постот да не конзумирате алкохол, слатки и газирани пијалаци, цигари. И секако не заборавајте да пиете доволно вода. Водата го хидрира организмот и има главна улога во неговото прочистување од штетните материи.
Сложените јаглехидрати, диетални влакна, витамините, минералите и фитонутритиентите од зеленчукот, овошјето, житарките, мешунките со кои изобилува исхраната за време на постот и тоа како позитивно влијаат врз целокупното здравје. Овој пост придонесува за регулирање на телесната тежина, го забрзува метаболизмот, ја регулира опстипацијата, ги намалува воспалителните процеси во организмот, го нормализира крвниот притисок и липидниот статус, превенира од атеросклероза и срцеви заболувања.
И за крај, по завршување на постот не треба да се навали на сè она што евентуално ни недостасувало. Обидете се да не се враќате на некои стари нездрави навики во исхраната, туку потрудете се да јадете само тоа што е најдобро за нашиот организам. Постот нека ви биде предизвик и понатаму да продолжите со здрав начин на исхрана.
Анета Николовска
Дипл. нутриционист