Интервју за порталот Фактор - Филип Смилковски

https://faktor.mk/industri-servis-podgotvuva-do-9000-obroci-dnevno-za-vrabotenite-na-pet-golemi-stranski-kompanii-vo-zemjata-naskoro-narachka-na-obrok-preku-mobilna-i-veb-aplikacija-

За 17 години колку што постојат,подготвиле и послужиле над 15 милиони оброци – секојдневно од нивните кујни излегуваат оброци за 9.000 вработени во пет големи мултинационални компании. Индустри Сервис е фамилјарна компанија и прва во земјава која е специјализирана за индустриски кетеринг и колективна исхрана. Во моментов во посебни кујни лоцирани во самите фабрики подготвуваат храна за вработените во Фени, Бучим, Сокотаб, Дрекселмајер и Леар. Станува збор за компанија со стопроцентен домашен капитал. Филип Смилковски, дел од втората генерација во семејната компанија и нејзин управител, за Фактор вели дека допрва го завршуваат најголемиот инвестициски циклус со изградба на Централната кујна во Скопје. Почетокот, некаде во 2002 година се поврзува со ревитализацијата на комбинатот за никел „Фени Индустри“ од Кавадарци, во првата слободна индустриска зона во Република Македонија. Еден од заслужните луѓе за растот и реномето на компанијата таква каква што е сега, е и професорот Фидан Трпчевски, кој бил дел од нивниот тим до 2013 година. Тој своевремено бил одговорен за исхраната на вработените во тогашна Железара која имала над 12.000 вработени, па неговото искуство во Индустри Сервис имало големо значање за развојот на компанијата.

- Растот на нашата компанија се одвиваше постепено. Во 2005 година започнавме со работа во рудникот Бучим Радовиш. Од 2009 до 2014 година се грижевме за исхраната на вработените во ЕЛЕМ РЕК Осломеј Кичево. Во 2011 година склучивме договор со Сокотаб Битола. Од 2013 година подготвуваме оброци за најголемиот работодавач во државата, Дрекселмајер Кавадарци. Од 2015 до 2019 година имавме одлична соработка со Маркарт Велес. Од 2018 година подготвуваме и служиме храна за вработените во Леар Тетово. Градиме долгорочен партнерски однос со нашите клиенти, нудејќи им проектно решение, спецификација на потребна опрема и можност за комплетна инвестиција во опремување на кујната и кантините. Постојано ги следиме светските трендови, посетуваме саеми и остваруваме соработка со надворешни експерти. Континуирано вложуваме во нови технологии, едукација на персонал, имплементиравме и сертифициравме стандарди за безбедност и квалитет (HACCP, ISO 2200, ISO 45001, FSSC 2200). 

Безбедноста и здравјето на нашите клиенти и вработени ни се од највисок приоритет, подготовката на храна во големи количини сепак е голема обврска и тука нема простор за импровизации.Во овој момент имаме 5 клиенти, тоа се едни од најголемите и најуспешни компании во Република Македонија. Тие се како прстите на раката, секој е особено значаен за нашето функицонирање и секогаш со нив се однесуваме со почит. Од тие причини, чест и задоволство ми е што сум дел од тимот на Индустри Сервис, тим кој секогаш со истата страст и посветеност ги извршува своите обврски, без разлика дали се работи за корпоративен настан со десетина гости или пак голем FamilyDay настан со преку 18.000 посетители. Досега, секогаш сме биле на нивото кое клиентите го очекувале од нас, вели Смилковски.

Денес Индустри Сервис е едно големо семејство кое има 161 вработен.Во сите деловни единици дневно подготвуваат и послужуваат до 9.000 оброци. Во изминатите 17 години подготвиле над 15 милиони оброци, но Смилковски очекува бројот и натаму континуирано да се зголемува. Вели дека располагаат со мултидисциплинарен тим, ја имаат потребната експертиза, па со условите за работа планираат да ја задржат водечката позиција на пазарот.

Во овој период главниот фокус е започнување со работа на последната инвестиција – Централна кујна во Скопје, со што очекуваат да имаат значителен пазарен удел во скопскиот регион. Тој регион, како што вели Смилковски досега не им бил од значаен интерес поради фактот што биле фокусирани на компании со над 500 вработени и концептот на in-housecooking, односно готвење и служење на храна на локација кај самиот клиент. Новиот објект е речиси готов и се очекува да биде пуштен во употреба во декември годинава.

-На своја локација во Скопје, во Општина Гази Баба, изградивме комплетно нова хала – централна кујна со најсовремена технологија и угостителска опрема за подготовка, дистрибуција и служење на храна. Со оваа наша инвестиција ќе можеме да ги понудиме нашите услуги во скопскиот регион во делот на индустрискиот и комерцијалниот кетеринг, односно за секаков тип на угостителска услуга за која постои интерес на пазарот. За прв пат во Македонија го носиме и реномираниот процес на готвење VarioCookingCenter во соработка со германска компанија за производство на угостителска опрема Rational. Горди сме на овој проект, кујна со капацитет за подготовка на над 10.000 оброци на дневна основа кој воедно ќе претставува и најсовремен и најголем објект од овој тип во регионот на Западен Балкан. Вкупната инвестиција очекуваме да биде во висина од околу 3 милиони евра, со што во следните три години би ги дуплирале нашите капацитети како и бројот на вработени. Нашата следна цел е до месец април 2020 година комплетно да ја финишираме втората фаза, односно да го преселиме седиштето на компанијата заедно со административниот оддел, како и да формираме центар за развој на кадри кој треба да биде расадник на таленти со што ќе се продолжи светлата иднина на компанијата, вели Смилковски.

Она што е фасцинантно е што во моментов работат на пионерска инвестиција во развој на комплетно софтверско решение за нарачка на оброци, оптимализација на процесите и управување со залихите. Така нивните клиенти ќе имаат можност да си го одберат своето мени со помош на touchекрани кои ќе бидат поставени во канитините, како и преку специјализирана мобилна апликација или пак преку нивната официјалната веб страна.

Сепак очекува и здрава конкуренција.

-Генерално угостителството како дејност за жал сеуште плива во онаа т.н. сива зона. Законот за работни односи и даночната регулатива често се заобиколуваат, сеуште многу компании импорвизираат работејќи во небезбедни услови со недоволно обучен кадар. Обврска на надлежните институции е да обезбедат фер услови на пазарот и имаат сеуште многу работа на тоа поле. Секако дека постојат исклучоци и компании кои што се трудат да останат професионални. Конкуренцијата е секогаш здрава и не мотивира да продолжиме да напредуваме и да растеме. Другиот проблем е фактот што се потешко се наоѓаат квалификувани работници. Голем дел квалитетните готвачи се принудени да работат сезонска работа надовр од државата, главно поради неповолните услови кои ги нудат работодавачите. Плата на рака, неплатена прекувремена и празнична работа, годишни одмори под законскиот минимум, каснење на плати, за жал сеуште тоа е болката на голем дел од угостителските работници во Македонија. Што се однесува до пазарот на индустрискиот и комерцијален кетеринг, во последните години тој е во експанзија, работа има за секој кој сака да работи и најдобрите ќе испливаат на површина, вели Смилковски.

Во растот на компанија свој значаен придонесе има соработката со Вивендум ратио солушнс, консултантска компанија која дала значаен удел во развојот на компанијата особено во полето на човечките ресурси.

Со Вивендум Ратио Солушнс имавме навистина одлична соработка, најпрво преку поддршка во процесот на селекцијата на најсоодветен кандидат, а потоа и преку целосна имлементација на функцијата човечки ресурси за потребите на нашата компанија. Наташа Алексовска ја препорачуваме како професионалец со интегритет, кој отворено и во очи ќе ви го каже она што другите ќе го премолчат, вели Смилковски.

Во компанијата сега одговорна за човечките ресурси е Јана Ј. Ивановска која за Фактор вели дека очекува сериозен раст на компанијата.

- Моите почетоци беа под менторство на Наташа Алексовска од Вивендум Ратио Солушнс, што всушност ми беше и поттик да аплицирам бидејќи Индустри Сервис имаше потреба од кандидат без претходно работно искуство во областа на човечки ресурси и нудеше одлична можност за учење, напредок и усовршување. Благодарение на взаемната соработка, имплементиравме голем дел на интерни акти и процедури во делот на работните односи, ги дефиниравме правилата на игра и можам да кажам дека имаме навистина коректни, посветени и мотивирани вработени, вели Ивановска.

Додава оти сега одливот на кадарот во Индустри Сервис е незначителен и дека искрено се надева дека секој од нив ќе успее да си ја дочека својата пензија во компанијата.

Александра Томиќ