Дури и малите промени во вашата исхрана може да имаат влијание врз квалитетот на животот.

ПРЕПОРАКИ ОД НУТРИЦИОНИСТ: Анета Николовска, Индустри Сервис 

Сигурно знаете дека правилната исхрана и редовното вежбање може да го намалат ризикот од одредени болести и да ви помогнат да одржите здрава тежина. 

Но, дали знаете дека тие здрави навики можат да го подобрат и вашиот вкупен квалитет на живот? 

Правилната исхрана и вежбање придонесуваат за подобрување на физичката функција, подобро расположение, па дури и намалување на инциденцата на артритични и кардиоваскуларни проблеми.

Со едноставно вметнување повеќе порции свежо овошје, зеленчук и житарки богати со растителни влакна, во голема мера ќе го зголемите нутритивниот квалитет на вашата исхрана и целокупниот имунитет на организмот. 

Ако цел ви е намалувањето на тежината, тогаш ова зголемување на порциите здрава храна треба да го искомбинирате со намалување на порциите намирници што се преработени, премногу масни, пржени или имаат многу додаден шеќер. 

Дури и малите промени во вашата исхрана може да имаат големо влијание врз вашето расположение, нивото на енергија, квалитетот на спиењето и квалитетот на здравјето. 

Со поголемо внимание на тие одлуки и правење свесен избор, можете да ја преземете контролата врз вашето здравје и да го подобрите квалитетот на животот. 


БИДЕТЕ СИГУРНИ ДЕКА ЈАДЕТЕ ДОВОЛНО ПРОТЕИНИ

Јадењето доволно протеини е од витално значење за оптималното здравје. Дополнително оваа хранлива материја е особено важна за слабеење. Големиот внес на протеини може значително да го зајакне метаболизмот, а притоа да се чувствувате доволно сити за да внесувате помалку калории. Исто така, може да ја намали вашата желба да грицкате доцна во ноќта. Докажано е дека доволно внесување протеини го намалува нивото на шеќер во крвта и крвниот притисок. 


ЈАДЕТЕ ЈАЈЦА

Целото јајце е толку хранливо што честопати се нарекува „мултивитамин во природата“. Мит е дека јајцата се лоши за исхраната и здравјето поради нивната содржина на холестерол. Студиите покажуваат дека тие немаат никакво влијание врз холестеролот во крвта кај поголемиот дел од луѓето. Внесувањето на јајца нема никаква поврзаност со ризик од срцеви заболувања. Наместо тоа, јајцата се една од најхранливите намирници. 


КОРИСТЕТЕ МНОГУ БИЛКИ И ЗАЧИНИ

Постојат многу неверојатно здрави билки и зачини. На пример, ѓумбирот и куркумата имаат силни противвоспалителни и антиоксидативни ефекти, што доведува до разни здравствени придобивки. Поради нивните моќни придобивки, треба да се обидете да вклучите што повеќе билки и зачини во вашата исхрана.


Консумирајте ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ

Зеленчукот и овошјето се едни од најважните намирници што треба да се вметнат во секојдневната исхрана.

Тие имаат висока нутритивна вредност. Содржат фитонутритиенти (каротеноиди, антоцијанини...) витамини, минерали, растителни влакна, протеини, ензими. Спанаќот и брокулата имаат скоро 3g протеини во 100g порција, а содржат само 25 калории. А едно јаболко содржи приближно 3,3г растителни влакна што претставува повеќе од 10% од дневната препорачана количина.

Најдобро е да се јаде свеж или бланширан зеленчук, но во крајна линија консумирајте зеленчук колку можете повеќе без оглед на тоа како е подготвен. Овошјето е значаен дел од здравата исхрана и затоа треба да се јаде свежо, цедено или блендирано.